СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги дефинираат следните чекори по референдумот

од desk2

Владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва на состаноци на највисоките партиски тела ги дефинираат следните чекори по неделниот референдум во Македонија. 

Од СДСМ велат дека станува збор за редовен состанок на партиското раководство, а тема ќе биде актуелната политичка состојба во државата по референдумот. На состанокот присуствува целото раководство предводено од премиерот и лидер на партијата Зоран Заев, министрите Радмила Шекеринска, Драган Тевдовски, Горан Сугарески, Љупчо Николоски, градоначалниците на Скопје и на Карпош, Петре Шилегов и Стефан Богоев, министерот за дијаспора Едмонд Адеми и пратеници и други членови на Извршниот одбор.

Пред почетокот на состанокот ниту еден од членовите на Извршниот одбор на СДСМ не сакаше да даде изјава за медиумите, а нема информации дали по завршувањето на состанокот некој ќе се обрати пред новинарските екипи или, пак, информирации за состанокот ќе бидат соопштени преку соопштение.

Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, пак, вечерва заседава Извршниот комитет. Од партијата велат дека ќе се разговара за актуелните состојби во земјата по референдумот.

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Костадин Богданов пред вечерашниот состанок изјави дека има опција да се поддржи Договорот во Собрание или да се оди на предвремени избори.

– Не знам какво е расположението, ова е прв состанок по референдумот, но мое лично убедување е да се заврши процесот во Собрание и дека пратениците треба да ја преземат својата одговорност, кажа Богданов.

Пратеникот Драган Данев, пак, рече дека по изразената волја на граѓаните и непостигнатиот цензус на референдумот тој нема да гласа за уставни измени со цел промена на утавното име. 

На прашање што доколку има тајно гласање, Данев рече дека ако има тајно гласање ќе излезе од таа седница.

На прашање дали е прифатлива опцијата за предвремени избори, тој рече дека за тоа ќе се разговара во телата на партијата.

Состаноците на двете најголеми македонски партии се актуелни поради барањето на премиерот Зоран Заев пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да поддржат уставни измени или да се оди на предвремени избори.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, нивните пратеници нема да поддржат уставни измени, а во однос на предвремените избори партијата излезе со свои барања – 100 дена претходно да има влада според Пржинскиот модел.

Исходот од разговорите меѓу партиите за кои се тврдеше дека ќе почнат деновиве треба да се знае до следната недела.

Слични содржини