СДСМ води во 19 општини после првиот изборен круг

од Nikola Popovski

Партиите од владејачката коалиција потврдија дека владиното мнозинство останува стабилно и сплотено и дека ќе ги поддржат нивните кандидатите за градоначалници во вториот круг, а истото го направија и партиите од опозицијата. Вчера официјална средба во Собранието имаа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијансата за Албанците, Христијан Мицкоски и Зијадин Села, на која ја потврдија заемната поддршка за нивните кандидати во вториот круг. Ден претходно Мицкоски имаше телефонски разговор со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши на кој исто така беше потврдена соработката за вториот круг.

Градот Скопје е симболот на победата, веруваме дека можно е да се направи пресврт во Град Скопје заради тоа што вториот круг е многу порасчитена, поразбистрена ситуацијата , „црно-бело“ и верувам дека успехот е можен, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев во дебата на ТВ21.

Тој тврди дека СДСМ не изгуби од ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи какошто објасни, ВМРО ДПМНЕ во споредба со било кои претходни избори е има помал број на гласови и го посочи резултатот на Коце Трајановски од 101 000 гласови во 2017 година, и сегашните 85 000 на Данела Арсовска со ВМРО – ДПМНЕ во коалиција со Алијанса за Албанците.

Во однос на резултатите од првиот круг, посочи дека резултатот не бил очекуван, но дека се задоволни што имаат девет општини со избрани градоначалници од редовите на СДСМ и коалицијата.

– Во 19 општини водиме во првиот круг, а сме влезени во вториот круг. Од 32 општини, апсолутно само со математиките на обединувањето, затоа што правиме обединување, затоа што имаме сериозна државна национална коалиција, стануваат 22 каде што водиме, ама имаме шанса во 32. Тоа покажува грубата математика и аналитика која што ја имаме, рече Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Радовиш порача дека новата иднина е на дофат, потребен е само уште еден исчекор, уште еден значаен потег, гласањето на 31 октомври на кое, како што рече, граѓаните ја имаат моќта и силата. Додаде дека новата иднина не е само испишаното во програмата на ВМРО-ДПМНЕ туку е бедем, тврдина на принципи и морал кој сакаат да го внесат во македонската политика.

-Новата иднина е ново време каде народот мора да започне економски да се засилува. Да има повеќе пари за народот, поголема поддршка за земјоделците, рече Мицкоски и повика да престанат поделбите во државата и да се вреднуваат желбите и потребите на луѓето.

Го обвини лидерот на СДСМ дека ќе настапел со негативна кампања, со оживување на сеништата со кои Заев живеел длабоко во минатото.

-Доста и е на Македонија од конфликти и делби. Доста е од граѓани кои се делат на наши и ваши. Ова е нашата Македонија, Македонија на народот… Ни стават во уста работи кои ниту сме ги рекле, ниту сме ги ветиле. Сето тоа треба да ве одврати и да ве натера да не гласате. Да помислите дека сите се исти. Нивниот поткуп и притисоци имаат намера да го обезбвреднат вашиот глас. Одговорот мора да биде масовна излезеност, бидејќи сме само на чекор до целта – победа за нова иднина, победа за нов почеток и нова надеж, подвлече Мицкоски.

Слични содржини