Скопјани повторно дишат втор најзагаден воздух во Европа

од Nikola Popovski

Скопје денеска попладне повторно се најде на второто место на најзагадените градови во Европа и на шестото место во светски рамки, според платформата „IQAir“, која го следи аерозагадувањето во реално време.

Со индекс на квалитетот на воздух од 162, аерозагадувањето во Скопје во моментов е штетно по здравјето, а полош воздух од македонскиот главен град во светот е регистриран во Лахор во Пакистан, Њу Делхи и Калкута во Индија и Дака во Бангладеш.

Од регионот на првите 10 најлоши позиции се најде и главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, кој е на првото место во Европа и петти во светот.

Загадувањето во Скопје со години е проблем на сите негови жители, а со тоа и на секоја власт. И додека секое утро Скопје се буди во друштво на петте најзагадени градови во светот надлежните институции допрва чекаат на новиот правилник кој ќе го регулира проблемот со загадувањето.

Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова во врска со алармантните податоци за загадувањето на воздухот деновиве, особено во Скопје и во уште неколку градови, рече дека тоа се должи главно на нееколошкото загревање во студените денови на бројни домаќинства, но и на дел од институциите. Рече дека за подолгорочни мерки Владата ќе им помага на општините.

Слични содржини