Столтенберг доаѓа во Скопје: „Посетата повеќе има симболично значење во однос на суштинските проблеми на државата“

од Nikola Popovski

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг отпатува на балканска турнеја, при што ќе посети повеќе земји од регионот. По Сараево, Приштина и Белград, генералниот секретар на НАТО во вторник ќе пристигне во Скопје, каде освен со македонскиот државен врв ќе се сретне и со сојузниците Словенија, Црна Гора и Албанија. Утре попладне во Скопје се најавени средби со претседателот Стево Пендаровски и со собранискиот спикер Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во парламентот. Вториот ден од посетата на земјава шефот на НАТО ќе го започне со билатерална средба со премиерот Димитар Ковачевски, по што ќе учествува на неформалниот состанок на лидери на НАТО-сојузници од регионот, чиј домаќин е Македонија.

Што ѝ носи генералниот секретар на НАТО на земјава, но и на целиот Западен Балкан? Дали НАТО има јасен план доколку Европската унија сè уште го нема или засега се е сведено на ветувања за средства и маглива перспектива до 2030 година за нови членки? Ова се само дел од прашањата кои се поставуваат во пресрет на посетата.

Претседателот на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ смета дека посетата на Столтенберг на регионот е позитивна порака за државите од Западен Балкан, порака дека НАТО е присутен во регионот и нема да дозволи нови конфликти. Дополнително, во разговор за „Локално“ истакна дека оваа негова посета е одговор на оние кои се надеваат на промени на границите на во државите на Западен Балкан, пред се на реториката на Додик во БиХ и случувањата кои ги имавме скоро на северот во Косово.

Џелал Хоџиќ

-Како држава, оваа посета на Столтенберг во Скопје, како и неговите средби во име на НАТО со партнерите од регионот во Скопје се симболично признание дека Северна Македонија денес е фактор на стабилност во регионот. Посебно имајќи во предвид дека овде се одржа една од рундите преговори меѓу Косово и Србија и еден од договорите е постигнат во Охрид. Не така одамна ние бевме држава каде ни се случуваа упади како оној во Диво Насеље и Гошинце, оценува Хоџиќ.

Според него, постои загриженост во НАТО за негативното руско влијание на Западен Балкан, како и обидите за дестабилизација во интерес на Русија.

-За ова скоро јавно зборуваше и самиот Зеленски, но и скорешните случувањата на северот на Косово, кај манистрот во селото Бањска јасно покажаа дека на Западен Балкан уште постојат јасни структури кои сонуваат за воена дестабилизација на регионот, во интерес на Москва. Сакам да нагласам дека НАТО е свесен и не ги потценува и хибридните напади од Русија на кревките демократии во регионот, каде се користат и дезинформации, лажни вести, продуцирање на национализам и верска нетрпеливост. Убеден сум дека НАТО има сила да даде соодветен одговор на се ова, во координација со продемократските сили кои делуваат локално, порачува соговорникот.

Столтенберг ќе се обрати и во македонското Собрание и се поверојатно дека ќе испрати порака за продолжување на евроинтеграцискиот пат на земјава, што ќе значи и поддршка за усвојување на уставните измени. Според Хоџиќ, опозицијата е во сериозен обид да ги спречи евроинтеграциите на државата и денес тоа изгледа можеби и како нерешлива ситуација.

-Сепак, јас сум оптимист. Позитивната приказна со уставните измени во Северна Македонија е најлесниот чекор за Западот, кој покрај нашиот пат кон ЕУ, треба да избоксува договор со кој Србија дефекто ќе го признае Косово и ќе се откаже од териотријалните прентезии кон Косово и Босна и Херцеговина, смета претседателот на СДА Македонија.

Ако не е решливо „Бугарите да бидат дел од македонскиот Устав“, прашува Хоџиќ, како ќе се решава Србија дефакто да го признае Косово и Додик да се откаже од политиката на сецесија?

-Верувам дека разговорите за уставните измени кај нас ќе продолжат и тие во даден момент ќе се случат. А доаѓањето на Столтенберг кај нас секако е поттик за прозападните сили во нашата држава, посочува тој.

Околу што носи генсекот на НАТО на земјите од Западен Балкан, Хоџиќ вели дека како непишано правило досега државите влегуваат прво во НАТО, а потоа во ЕУ.

-Стабилизирањето на безбедноста на Западен Балкан е и во функција за создавање на клима да цел Западен Балкан биде дел и од ЕУ. НАТО и во случајот со нас покажа дека е поконкретен за разлика од ЕУ. Сепак и НАТО и ЕУ имаат исти, заеднички цели со државите од Западниот Балкан. Безбедност, развој на демократијата, негување на човековите права, како и развој на пазарната економија. Декларативно сите држави од Западен Балкан се за членство во ЕУ, а само Србија, за разлика од другите држави од Западен Балкан, не е за членство во НАТО. Мислам дека доаѓа време кога Владите во регионот ќе мора декларативната заложба за евро-атланските интеграции да ја преточат во вистинска паркса во нивната работа, заклучува соговорникот.

Иво Ранѓеловиќ

За политичкиот аналитичар, Иво Ранѓеловиќ, посетата на Столтенберг повеќе има симболично значење во однос на суштинските проблеми на државава. Сепак, вели тој за „Локално“, присуството на генсекот на НАТО е своевидна поддршка за стратешкиот курс на државата, кој пак моментално е во комплексна ситуација со оглед на политичката и уставна криза, но и растечкиот евроскептицизам.

-Погрешно е да констатираме дека руско влијание по автоматизам значи дестабилизација. Лично сметам дека поголема опасност за дестабилизација во Македонија се меѓуетничките односи, а не влијание од трети земји. Балканот го мачи истото, а членството во НАТО не е гаранција за избегнување граѓански конфликти, оценува Ранѓеловиќ.

Притисоците за промената на Уставот и внесувањето на бугарското малцинство во него, смета соговорникот, се се повеќе транспарентни и децидни, но се обратно пропорционални во однос на временскиот рок.

-Очекувам дека уставните промени ќе се спроведат, се поверојатно за време на новиот мандатар – без разлика која политичка гарнитура ќе ја предводи идната влада, анализира Ранѓеловиќ.

Според аналитичарот, геополитичкиот контекст е исклучително важен согласно војната во Украина и Палестина, истиот е тригер за поробусен пристап и притисок од страна на НАТО и спротивставување на влијанија од Русија, Кина и др.

-Во тој дел, најнезавидна ситуација сноси Србија, која е буквално опколена од НАТО членки, а и стратешкиот курс го трасира кон ЕУ, оценува Ранѓеловиќ во разговорот.

Н.П.

Слични содржини