УНИЦЕФ: Најмалку 17.000 деца во Газа се одвоени од нивните семејства

од Stefanija Kuzmanovska

Најмалку 17.000 деца се одвоени од нивните семејства во Појасот Газа, соопшти УНИЦЕФ.

„Најмалку 17.000 деца се одвоени од нивните семејства во Појасот Газа, што е околу еден процент од целото раселено население од 1,7 милиони“, наведе портпаролот на УНИЦЕФ за палестинските територии, Џонатан Крикс.

Говорејќи на видео-конференција од Ерусалим, тој изјави дека е исклучително тешко да се пронајдат децата, бидејќи понекогаш не можат да ги кажат ни нивните имиња кога доаѓаат во болниците, кога се повредени или во опасност и во состојба на шок.

Децата кои остануваат без родители за време на конфликтот често се згрижени од други роднини, но моментално во Газа, каде што нема храна, вода и засолниште, дури и оние пошироки семејства тешко се грижат за своите деца, додаде Крикс.

Како што наведе УНИЦЕФ, на речиси сите деца во Газа, кои наводно ги има повеќе од еден милион, им е потребна поддршка за зачувување на нивното ментално здравје, што е двојно повеќе отколку пред почетокот на војната, предизвикана од нападите на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година.

„Децата покажуваат симптоми на високо ниво на анксиозност, губење на апетит, не можат да спијат, имаат емоционални испади и паника секој пат кога ќе слушнат звуци на бомбардирање“, објасни портпаролот на УНИЦЕФ.

Слични содржини