Во Италија запленети рекордни 5,3 тони кокаин

од Stefanija Kuzmanovska

Италијанските власти заплениле рекордни 5,3 тони кокаин кој бил префрлен меѓу бродови во близина на јужниот брег на Сицилија, соопшти во петокот полицијата.

Пратката била со проценета вредност од 850 милиони евра, а пет лица се уапсени, се наведува во соопштението на Финансиската гарда.

Полицијата следела брод кој пловел од Јужна Америка, кога надзорниот авион забележал пакети кои од неговата палуба се фрлаат во водите на Сицилискиот теснец за да ги земе рибарски брод што го чекал.

Тие го запреле рибарскиот брод и пронашле големи количества дрога во скриена преграда зад некои облоги на бродот. Уапсени се двајца Тунижани, Италијанец, Албанец и Французин.

Регионалниот претседател на Сицилија, Ренато Шифани, ја пофали операцијата како удар против трговијата со дрога.

„Дрогата е зло на нашето општество поттикната од бескрупулозните луѓе, кои сеат смрт, уништувајќи многу семејства“, рече тој во изјавата.

Во април, италијанската полиција пронашла речиси два тона кокаин како плутаат во морето во близина на источна Сицилија, за кој веруваат дека бил оставен од товарен брод за собирање.

Слични содржини