За првпат Владата добива вицепремиери за политички систем и за корупција 

од Берта Китинска

Во Собранието денеска почнува седницата за избор на новата влада, предложена од мандатарот Зоран Заев.

Првпат Владата добива прв вицепремиер и министер за политички систем, функција што ќе ја врши пратеникот од ДУИ Артан Груби.

Артан Груби (43), е докторанд на Универзитетот во Тирана, на факултетот за социјални и политички науки и, како што е наведено во неговата биографија, е пред одбрана на трудот „Улогата на медиумите во граѓанското учество во политичко-општествени промени“. Груби дипломирал новинарство на УКИМ, каде што и магистрирал, така што сега и предава на Факултетот по новинарство на Тетовскиот универзитет.

На вицепремиерската функција за борба против корупцијата, е предложен Љупчо Николовски, дипломиран правник, генерален секретар на партијата и поранешен министер за земјоделство.

Генералниот секретар на СДСМ Фејсбук  пред неколку дена му се заблагодари на Заев за довербата и одговорноста за која ќе биде задолжен.

„Му благодарам за довербата на премиерот Зоран Заев. За тоа што ми дава голема одговорност со тоа што ме предлага на позицијата вицепремиер за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси.Мораме да одиме напред, не смееме да застануваме. Ќе се бориме заедно и ќе донесеме нови позитивни промени. Верувам во многу подобро утре“, напиша Николовски.

За избор на владата е потребно просто мнозинство, односно 61 глас, а владината коалиција на СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.

Слични содржини