Законот за игри на среќа не помина во Собрание, недостигале 10 гласови

од Nikola Popovski

Иако вчера во медиумите проструи информацијата дека Собранието ги донело измените на Законот за игри на среќа, денеска од законодавниот дом појаснуваат дека Законот не поминал на седницата. Според објаснувањето, за законот гласале 51 пратеник, односно 10 помалку од предвидените 61 кои се потребни за донесување на овие измени.

„Имајќи ја предвид Одлуката од Уставниот суд У.бр. 115/2019 од 14.05.2020 година, според која за да биде усвоен Законот потребни се најмалку 61 глас ЗА, при одлучувањето за Законот за игри на среќа и забавни игри, на 145. седница, Законот доби поддршка од 51 глас ЗА, со што не се исполнети условите за Законот да биде усвоен и со тоа завршува процедурата по тој Закон“, велат од Собранието.

Претседателот Стево Пендаровски на почетокот на февруари одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 7 февруари 2024 година.

Одлуката беше донесена врз основа на детална анализа на текстот на Законот и на постапката во која што овој Закон е донесен, како и по спроведени консултации со Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, како наш најважен партнер во земјата во процесот на преговори.

-За измените на Кривичниот законик имаше јасна европска Директива за конфискација на имот стекнат со криминал. Имено, во тој дел, измените на Законикот се усогласени со европската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела, порачаа од Кабинетот на Пендаровски.

Оттаму додаваат дека никогаш порано, за ниту еден закон, Европската унија писмено не реагирала да не се злоупотребува европското знаменце пред воопшто тој закон да биде донесен, како што ЕУ постапи сега во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

ДУИ потоа го искритикува Пендаровски. Според владеачката партија, одлуката на претседателот е за „жалење“.

-Образложението дека европското знаменце била злоупотребено за усвојување на законот е приказна за мали деца. Замислете немале забелешки за содржината, туку за процедурата. Ние не се предаваме во оваа битка и убедени сме дека пратениците со чиста совест се на страната против казината и обложувалниците, стоеше во реакцијата на ДУИ.

Албанската опозиција обвини за наводни дилови со српското подземје. Го прозиваа Артан Груби од ДУИ дека на сите владини одлуки поврзани со Државна лотарија е потпишан, особено за формирањето на три нови компании за организирање игри на среќа преку интернет.

Со измените на Законот, цената за една лиценца за обложувачница требаше да порасне од 105 илјади на 200 илјади евра. Со него се предвидува просториите во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри. Истовремено, се предвидуваше ограничување на бројот на уплатно-исплатни места на 25 со една издадена лиценца, а дополнително, за секое следно уплатно-исплатно место над 25-тото, приредувачот ќе треба да плаќа надоместок од 10 000 евра.

Измените во Законот предвидуваа и автомат-клубовите да плаќаат за лиценца која ќе чини 100 илјади евра наместо досегашните 78 750 евра. Таа требаше да биде ограничена на три деловни простории за кои автомат-клубовите ќе треба да плаќаат надомест во износ од 30 000 евра.

Слични содржини