Дали Facebook нуди поголема заштита на приватноста по скандалот?

од desk2

Facebook соопшти дека прави ажурирање на алатките за заштита на приватноста за да може корисниците полесно да ги најдат и да ги изменат личните информации што ги споделиле со компанијата.

Деталите за измените беа соопштени прегу блог пост.

Ваквите потези следат по бранот критики упатени кон компанијата откако се дозна дека лични податоци за 50 милиони корисници биле собрани и споделени со компанија за политички консалтинг.

Сепак, Facebook вели дека измените и ажурирањето било планирано уште пред да се открие скандалот, со цел да се усогласат со новите правила на ЕУ.

Соопштението стигна во исто време кога коректив за заштита на приватноста од Нов Зеланд го обвини Facebook за кршење на локалните закони.

Во почетокот на блог постот, шефицата на одделението за заштита на приватноста на Facebook признава дека скандалот со Cambridge Analytica направил голема штета на компанијата.

„Минатата недела покажа уште колку многу треба да работиме за ефикасно спроведување на дело на нашите полиси и да им помогнеме на луѓето да сфатат како функционира Facebook и какви избори имаат при оддавањето на нивните податоци“, пишува Ерин Иган.

„Јасно и гласно ни беше ставено до знаење дека подесувањата за заштита на приватноста и други важни алатки се тешки за наоѓање и дека мора да направиме повеќе за да ги информираме корисниците.“

Измените спаѓаат во три пошироки категории: поедноставување на менито за подесување, ново брзо мени до подесувањата за приватност и ажурирање на алатките за даунлодирање и едитирање.

Ваквите мерки се преземаат пред стапувањето на сила на директивата GDPR на ЕУ на 25 мај, што предвидува построги закони и регулативи за тоа како организациите ги користат податоците на граѓаните, како и повисоки казни за кршење на овие регулативи и закони.

Акциите на Facebook на Волстрит имаа најлоша недела во последните две години и забележаа пад од 14%, губејќи 68 милијарди долари од пазарната вредност на компанијата, како последица на незадоволството поради скандалот со злоупотребата на податоците на корисниците на оваа друштвена мрежа.

Не е познато колку корисници изгуби Facebook, но со оглед на тоа дека #DeleteFacebook и понатаму е тренд на сите друштвени мрежи, бројката веројатно не е занемарлива.

Слични содржини