Градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски тврди дека нема да бега, но СЈО пак се сомнева 

од Vladimir Zorba

 

Градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски тврди дека нема да бега за тоа и не треба да оди во притвор. СЈО пак се сомнева, информира Телма.

Вака пред Апелација ги спротиставија своите аргументи обвинетиот во случајот Косомос и обвинителството. Судот денеска на јавна седница ги разгледуваше жалбите и на обвинителството кое останува на ставот дека треба да има притвор за Трајковски и на неговите адвокати кои бараат да му се укине и мерката на претпазливост. СЈО смета дека опасноста е поради висината на казната за делото на кое се товари 5 години затвор, мандатот кој му е на истек како градоначалник, но и за тоа што не го почитувал СЈО

И за адвокатите и за Трајковски дури и обвинението на СЈО е неоправдано. Тој го убедуваше судот дека работел по закон и дека поради тоа и го добил вториот градоначалнички мандат од граѓаните. Немал намера да бега, поради семејството, домот кој го има тука, но и поради тоа што му останале уште нереализирани протекти како градоначалник. Адвокатите го отворија и прашањето дека тој можеби повторно ќе биде градоначалник и дека функцијата повторно ќе го врзува со земјава, но тој не сакаше да одговори. Се пожали дека на исказ во СЈО не отишол оти не му дале цолосен увид во предметот.

Инаку основниот суд за Трајковски ја отфрли мерката притвор која ја бараше СЈО и одреди одземање на пасош и да се јавува еднаш неделно кај службеник. Тој е обвинет за злоупотреба на службена положба за рушењето на објектот Космос на Фијат Цановски. Со него се обвинети уште четворица вработени во општината, за кои исто така беше одредена мерка на претпазливост како што бараше и СЈО. Денеска тие ги убедуваа судиите од апелација дека воопшто не е потребно ова оти не планираат да бегаат од земјава. Ниту еден од нив не се чувствува виновен за рушењето на објектот, а постапката велат била по закон./Телма

Слични содржини