СДСМ бара казните во Законот за употреба на јазиците да се намалат до 2.000 евра

од desk2

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесоа четири амандмани на Предлог-законот за употреба на јазиците што ќе значат унапредување на правата на етничките заедници во земјата, изјави денеска координаторот на пратеничката група Томислав Тунтев. Амандманите, според него, имаат поддршка и од колицискиот партнер ДУИ.

– За нас е исклучително важно заеднички да дојдеме до законско решение кое навистина ќе биде во интерес на сите граѓани во оваа држава – истакна Тунтев.

Со амандманската интервенција се унапредува позицијата на помалите етнички заедници кои се наведени во преамбулата во Уставот, потенцираше Тунтев, што ќе овозможи и овие заедници да остваруваат одредени права предвидени во предложеното законско решение. Станува збор, како што појасни тој, за амандман на членот 1 на предлог-законот во кој освен албанскиот јазик СДСМ предлага да се набројат и јазиците на сите етнички заедници наведени во преамбулата на Уставот.

Исто така СДСМ поднесе амандман и за намалување на висината на казните што беа наменети за институциите што нема да го почитуваат законот.

– Според нашиот предлог казните од 4.000-5.000 евра се намалуваат на 1.000-2.000 евра. Потоа исто така ја допрецизираме регулативата при водењето на седниците во Собрание и во Влада – рече Тунтев.

Според него, овие амандмани на пратеничката група добиле поддршка и од коалицискиот партнер ДУИ, а целта е заедничко решение кое практично ќе биде применливо.

– Информирани сме од Владата дека постои заклучок и општа согласност Министерството за правда преку Министерството за надворешни работи да побара мислење од Венецијанската комисија за целиот текст на законот по неговото усвојување, како и за отворените прашања кои не се дел од овој закон, а веќе се доставени до Венецијанската комисија – рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.

Тој потсети дека коалициските партнери јавно презедоа обврска дека ќе го почитуваат мислењето на Венецијанската комисија и во случај на забелешки дека ќе ги вградат во законот, што лани беше побарано и од еврокомесарот Јоханес Хан.

– Оттука процесот за подобрување и унапредување на законското решение не завршува со овие четири амандмани, туку и натаму ќе се работи на тоа да дојдеме до решение кое ќе биде квалитетно и практично применливо – рече Тунтев.

За Предлог-законот за употреба на јазиците се поднесени 90 амандмани од кои 84 од ВМРО-ДПМНЕ, четири од СДСМ и два од Беса.

Слични содржини