Најмалку 136 луѓе загинаа на Хаити од ураганот Метју

од Vladimir Zorba

timthumb-10

Во налетот на ураганот Метју загинаа најмалку 149 лица, од кои дури 136 на Хаити, соопштија локални претставници, додавајќи дека ураганот од Бахами се движи кон Флорида.

Поголемиот број загинати на Хаити настрадале при пад на дрвја, парчиња од фасади и покриви, како и во надојдените реки.

Најпогодени се јужниот и западниот дел на Хаити. Најмалку 50 луѓе загинаа во јужната општина Рош-а-Бото.

Ураганот Метју во Домининиканска Република усмрти четири лица и оштети 200 куќи, а властите евакуира 800 лица.

Најжестоката карипска бура во последните речиси 10 години рано утрово ги зафати Бахамите, а додека се чека да стигне до американскиот брег во четири американски држави во тек е масовна евакуација.

Патиштата во Флорида, Џорџија и Северна и Јужна Каролина од синоќа се блокирани со колони автомобили, бидејќи милиони луѓе го послушаа предупредувањето за евакуација кон внатрешноста бидејќи се приближувал ураганот Метју, со ветрови со јачина од околу 185 километри на час, силни бури и поројни дождови.

Вечерва во овие држави се очекуваат врнежи, информира Американскиот национален центар за урагани.

– Сите во нашата држава сега мораат да се подготват за директниот налет на ураганот, изјави вчера гувернерот на Флорида на прес-конференција, предупредувајќи на катастрофални последици.

Сите четири држави на патеката на ураганот прогласија вонредна состојба, и отворија засолништа откако нивните гувернери, заедно со претседателот Барак Обама, ги повикаа жителите на евакуација.

Вкупно над 12 милиони американски граѓани се предупредени на ураганот.

Бензинските станици ширум Флорида останаа без гориво, а празните полици во продавниците и долгите редови на бензинските пумпи станаа честа глетка додека граѓаните создаваат залихи.

Оние кои имаат намера ураганот да го сочекаат во своите домови се снабдиле со големи количества вода, млеко и конзервирана храна, празнејќи ги самопослугите, покажуваат снимките на локалните медиуми.

Слични содржини