Алармантна е здравствената состојба на Камчев, тврдат неговите адвокати

од Vladimir Zorba

Денес, при редовната посета на бизнисменот Јордан Камчев, од страна на дел од неговиот правен тим повторно било констатирано она кое изминатите неколку недели се потврдува, дека здравствената состојба на Камчев е исклучително алармантна, континуирано се влошува и во КПУ Затвор Скопје нема соодветни услови за третирање на истата, велат адвокатите Гоце Ристески и Александар Михајлоски.

„Камчев постојано има сериозна, силна главоболка , но во КПУ Затвор Скопје нема дежурен доктор за да го прегледа притвореникот. Се праќа медицинска сестра или медицински брат за проверка на состојбата. Првично, денес во текот на утрото г-динот Камчев имал многу сериозна главоболка и од затворскиот „медицински тим“ констатирано било дека има спојување на притисоците и дека има видливи отоци на лицето. Потоа, во 14.30 тој се чувствува многу лошо поради што прегледан е повторно во КПУ Затвор Скопје, констатиран е повторно споен притисок, 90 со 70. Предложено му е да биде однесен на Клиниката за Кардиологија, но тој одбил бидејќи од претходното искуство кога е пренесуван смета дека е само дополнително малтретирање за него во состојбата во која што се наоѓа бидејќи и таму секако не ја добива соодветната терапија со која би се подобрила неговата состојба. Од затворскиот ,,медицински тим,, оваа негова состојба во КПУ Затвор Скопје ја третираат со сол и газирана вода“, тврди адвокатскиот тим на Камчев.

Сериозноста на здравствената состојба во која што моментално се наоѓа и несоодветното третирање на истата претставува ризик директно по животот на Камчев, истакнуваат тие.

„Од правен, но и етички и морален аспект, и нашиот клиент, г-динот Камчев и ние како правна одбрана во целост поддржуваме активности со кои би се докажала правдата, но апелираме на сериозна разумност кај Обвинителството и судиите и нивна рационалност при донесувањето на одлуките. Сметаме дека целта на мерката ефективен притвор која се применува не е директно да се загрозува здравјето и животот на еден човек“, додаваат Ристески и Михајлоски.

Слични содржини