Малезија бара комичарка преку Интерпол: Се шегувала за исчезнат авион со 239 патници (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Комичарката Џоселин Чиа ги затегна односите меѓу Сингапур и Малезија со шега за малезиските авиони кои имаат проблеми со летањето, пишува „Гардијан“.

Малезиската полиција најави дека ќе побара помош од Интерпол за пронаоѓање на комичарката по потекло од Сингапур, која живее во САД, која ја исмејувала нивната земја и се шегувала за исчезнатиот авион MH370 „Malaysia Airlines“, пишува британскиот весник.

„Џоселин Чиа е под истрага според законите на нашата земја кои се однесуваат на навредлив говор и навредлива или непристојна содржина на интернет“, објави малезиската државна новинска агенција Бернама.

Наведено е и дека малезиската полиција ќе побара помош од Интерпол за откривање на нејзиниот целосен идентитет и место на живеење.

Чиа, чија веб-страница вели дека по потекло е од Сингапур, предизвика контроверзии откако видеото на кое се шегува за ривалството меѓу Сингапур и Малезија стана вирално на интернет.

За време на настап во њујоршки клуб, таа рече дека Малезија го „откачила“ Сингапур, мислејќи на отцепувањето на островската држава од Малезија во 1965 година, но исто така рече дека Сингапур ја има најдобрата „одмазда за распадот“ бидејќи станала „земја од прв свет“ додека Малезија е „сè уште земја во развој“.

Таа додаде дека Малезијците не доаѓаат со години бидејќи нивните „авиони не можат да летаат“.

Кога некои од публиката очигледно не се насмеаа, таа додаде: „Не е смешно тоа што ‘Малезија ерлајнс’ исчезнува, а? Некои шеги никогаш не наоѓаат погодно тло“.

Летот 370 на „Малезија ерлајнс“, со 239 патници и членови на екипажот, кој полета од Куала Лумпур, исчезна од радарот на 8 март 2014 година и никогаш не беше пронајден.

Видеото на Џоселин Чиа предизвика реакции и во Сингапур и во Малезија.

Чиа изјави за Си-Ен-Ен дека нејзината шега се заснова на долгогодишното пријателско ривалство на Малезија со Сингапур и дека нејзиниот настап бил изведен „повеќе од 100 пати“ во текот на година и пол без никакви проблеми.

Таа исто така додаде дека поради скратувањето на видеото за социјалните мрежи, недостасува релевантен контекст, наведува „Гардијан“.

Слични содржини