Москва сака да биде Брисел на Балканот

од desk4

Балканот е се поблиску до Западот, Македонија е со една нога во НАТО. Москва нема туку-така да се повлече и, како што велат експертите, многу е веројатно Москва да ја применува тактика на предизвикување конфликти каде што ги нема, за после да се нуди како миротворец.

Последниве месеци Русија е се поостра кон НАТО и ЕУ. Не ги штеди ни аспирантите за членство како Македонија која со едната нога е веќе во Алијансата. Дел од аналитичарите велат дека нишанејќи во Западот, Москва пукала во наклонетоста на Балканот кон Западот, но сепак регионот останал на евро-атлантската патека.

Но, Москва нема туку-така да се повлече и, како што велат експертите за руската политика на Балканот, многу е веројатно Москва да ја применува нејзината добро позната тактика на предизвикување конфликти каде што ги нема, а после да се нуди како миротворец да посредува во решавање на тие конфликти. Всушност, како што вели политичкиот аналитичар проф. Иван Крастев, Москва сака да биде Брисел, ама сама да си создава конфликти, за разлика од Брисел.

„Русија сака да ги замени Европската Унија и Соединетите Американски држави во решавањето конфликти. На прв поглед, амбициите на Русија изгледаат нереални бидејќи Балканот останува цврсто заснован на Западот: Сепак, конвенционалната мудрост може да биде погрешна, бидејќи Москва во некои делови од регионот почуствува критичната ранливост на позицијата на Западот на Балканот, конкретно Унијата на која дел од регионот гледаше како на бранител на статус кво што може да биде плоден терен за Русија“, вели Крастев во својата најнова анализа објавена во неколку светски реномирани медиуми.

Отворање замрзнати конфликти

И украинскиот дипломат Олексеј Левчеко е на линијата дека стратегијата „миротворец“ е типична за Владимир Путин. Тој во интервју за Радио Слободна Европа вели дека се побрзото приближување на регионот до Западот не значи дека „Русија ќе престане со обидите за мешање и за отворање на т.н. замрзнати конфликти и дестабилизација, за потоа, Путин да се јави и да понуди решение на проблемот.

„Дестабилизацијата на овој регион во интерес на Путин е тој после тоа да дојде како миротворец. Значи, тој доаѓа, разгорува војна, и потоа се покажува како некој фактор и кажува дека е подготвен да преговара со Западот, со Америка за да ја реши таа ситуација“, вели Левченко во интервју за Радио Слободна Европа.

Амбициите преголеми, залакот превкусен

Кои се следните чекори на Кремљ за победа на Балканот и во кои регионални спорови ќе сака да биде миротворец како Брисел, никогаш не се знае, освен Косово, велат експертите.

Еден од тие регионални спорови каде Москва првин не се мешаше, а потоа почна со директни предупредувања, е веќе решен – Преспанскиот договор е ратификуван, Македонија за кратко е во НАТО.

Тоа нема да ја поколеба Москва, иако да се биде Брисел е голема амбиција, но залакот е премногу вкусен за да не се голтне./RSE

Слични содржини