Во Брисел почна и заврши втората рунда разговори меѓу власта и опозицијата. Ништо ново освен што оваа рунда бриселски разговори траела нешто  подолго од претходните. Позициите  исти, како и распоредот и соговорниците. Европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Ричард Ховит прво имаа  одвоени средби со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, а потоа заедничка средба.

рака сад

Од власта во Брисел се министрите Никола Попоски и Никола Тодоров, пратеникот Илија Димовски, а од опозицијата Радмила Шеќеринска, Рената Десковска и Виктор Габер. Немаше изјави за јавност, туку само уште едно штуро соопштение од   европратениците. Како и да е, никој не очекува ништо повеќе освен да се договорат дека повторно ќе се договараат. Значи, по втората ќе има трета, така би заклучил и претседателот Иванов, кој  засега не е во игра.

Лидерот на опозицијата Зоран Заев, на вчерашниот пресс единствено соопшти  дека тие како партија секогаш преднос им давале на преговорите, или како што рече, и војните и судирите на крајот завршуваат на преговарачка маса. Тој  само кусо потенцираше дека се што ќе се договорат, остава да  го соопшти Европа. Од ВМРО ДПМНЕ  молк.

Читано меѓу редови, власта ја повикува опозицијата да се врати во институциите и во парламентот или бара веднаш да се одржат избори, опозицијата бара техничка преодна влада заради нелегитмност на институциите и подготовка на нови избори, ама со сите промени и прочистувања од избирачкиот список до владините министри сосе премиерот, обвинителот и смени во МРТВ. И тука нема договор.

Паралелно со овој процес се случува продлабочување на кризата со дигање на тензиите, и радикализација на незадоволството,  а исто така  расте и  загриженоста за случувањата во земјава. Шефовите на дипломатиите на ЕУ идната недела се очекува да донесат заклучок за Македонија со кој ќе изразат загриженост за политичката криза која станува се подлабока.

Аналитичарите сепак очекуваат многу повеќе  од пристигнувањето на американските  дипломати. Во  Македонија денеска треба да пристигне високиот функционер на Стејт департментот заменик-помошник државен секретар за европски прашања, Хојт Ји, кој ќе се сретне со премиерот Груевски,  лидерот на СДСМ Зоран Заев, и со други лидери на партии  со кои ќе има суштински разговори за кризата.

Истиот ден доаѓа и американскиот амбасадор во ОБСЕ, Даниел Баер, познат како жесток критичар на власта.  И покрај тоа што ова е претходницата, Американците сепак, доаѓаат да ја превенираат радикализацијата на состојбите. Груевски ќе мора да реши по кој пат ќе оди, дали со мирна разврска и прифаќање на одговорноста за состојбите или со апсење на лидерот на опозицијата Зоран Заев,  одлука  која веќе ја донел, но обвинителството одбило да ја потпише, се шпекулира во судските кругови. Кој знае дали „булдожер дипломатијата“ ќе посегне и по црните листи на кои своевремено се запишуваа и Љубчо Георгиевси, Љубе Бошковски,, Тачи и Ахмети… ?

Необично е што до овој момент  Груевски ја потценува улогата на ДУИ,  иако е познато дека интегративците на Ахмети знаат драстично  да ги менува позициите кога зад нив стои американскиот „булдожер“.  Во СДСМ деноноќно се  анализираат и се разигруваат сите сценарија. Провладините мегафонски телевизии на големо подготвуваат терен како за апсење на Заев, така и за хушкање на граѓаните против опозицијата. СДСМ  во овој момент предност му  дава на преговарачкиот процес, но не е исклучено да се одговори на секакви провокации од власта,  за да се опстои во намерата да го принуди режимот на Груевски да отстапи.

Драган Антоновски

Слични содржини