Пауза на расправата за лустрација, опозицијата побара Дескоска да го образложи укинувањето

од Aleksandar Todeski

Долго време имаме различни предлози од Министерството за правда и за жал до сега не сме ја виделе министерката за правда како предлагач да дојде, да го образложи предлогот. Би требало во најмала рака да дојде министерот или заменикот министер за правда да го образложи, рече пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

„Сметам дека тоа што тие што кодошеле не треба да бидат финансиски наградени. Бидејќи е битна тема, сметам дека треба министерката за правда да биде присутна. Знаеме кое е овластувањето на државен советник, сепак тие не се политички фигури кои имаат мандат за крупни решенија кои треба да бидат одобрени од Законодавниот дом“, рече Милошоски.

Тој побара пауза со цел министерката Рената Дескоска да дојде и да го образложи предлогот кој министерството го доставило до Собранието.

Пратеникот од СДСМ и претседател на Комисијата за политички систем, Александар Кирацовски рече дека се согласува со констатацијата и се надева дека ќе биде присутна на второто читање и истакна дека државниот секретар во Министерството е доволно висока функција.

Опозицијата негодуваше велејќи дека министерката Десковска никогаш не доаѓала да ги образложи предлог законите, на што Милошоски рече дека „немала капацитет“, потоа појаснувајќи дека мислел на временски капацитет.

А.Т.

Слични содржини