Прегледани над 40 снимки од камери и сослушани над 15 лица во врска со убиството на докторот Трповски

од Nikola Popovski

Истрагата за убиството на матичниот лекар Ацо Трповски е во напредна фаза, информираа од Министерството за внатрешни работи. Инспекторите за насилен криминал прегледале повеќе од 40 снимки од безбедносни камери, а разговарале и со повеќе од 15 луѓе во обид да го идентификуваат убиецот. Се анализираат и доказите собрани од увидот на самото место.

-Прегледани сè повеќе од 40 камери вклучувајќи ги и камерите на Безбеден град. Извршени се службени разговори со повеќе од 15 лица. Се врши дополнителна криминалистичко – техничка обработка на предметното возило. Се обезбедуваат листинзи од телефонски броеви и се врши нивна анализа. Истрагата е во напредна фаза, велат од МВР.

Од Лекарската комора со осуда за убиството на нивниот колега. Велат, ниту еден здравствен работник не смее да се чувствува небезбедно на своето работно место. Побараа надлежните институции во целост да го расветлат овој случајот.

Здружението на приватни матични лекари бара нови закони кои што би значеле поголема заштита на лекарскиот кадар. Исто така побараа поригорозни казни за сторителите.

-Очекуваме од органите од прогонот да ни кажат што се случува. Се чувствуваме небезбедни…Сите имаме пациенти кои што се психички нестабилни, пациенти кои се зависници, биполарни растројства. Сакаме безбеден простор и регион за да работиме, кажа претседателката на Здружението на приватни матични доктори, Лилија Чолакова Дервишова. Вели дека ваков чин на насилство не смее да се повтори и апелира да се заштити секој здравствен работник, без разлика дали станува збор за медицинска сестра или хирург.

Според неа, пациентите имаа разбирање за вчерашниот протест на матичните лекари кои не работеа од 12 до 16 часот, во знак на револт.

Слични содржини