Русија: Украински беспилотни летала погодија избирачки места, на мета и Москва

од Vladimir Zorba

Украина истрела десетици беспилотни летала кон окупираните територии и Русија во неделата, на последниот ден од руските избори, вклучително и избирачко место во регионот Запорожје и Москва, каде летовите од три аеродроми се ограничени, соопштија руските власти.

По нападот се запали општинскиот културен центар во градот Камјанка-Днипровска, напиша рускиот политичар Владимир Рогов, претседател на движењето „Ние сме со Русија“, на каналот Телеграм, а пренесува германската агенција dpa.

Цивилната заштита не можеше да започне со гаснење на пожарот бидејќи продолжија нападите со беспилотни летала. Немаше жртви. Во текот на ноќта Русија одби вкупно 34 напади со украински беспилотни летала, соопшти руското Министерство за одбрана, од кои 16 само во областа Краснодар на југот на земјата.

Таму била нападната нафтена рафинерија. Еден пожар бил брзо изгаснат, а работниците биле евакуирани, но едно лице починало од срцев удар.

Војската соопшти дека ги соборила беспилотните летала во Белгород, руски град кој граничи со Украина на југ. Трет ден по ред е на мета. Други локации каде што беа соборени беспилотните летала се Калуга и Курск, соопшти војската.

Во Белгород десет станбени квартови останаа без струја поради нападот, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков. Оштетени се згради и гасовод. Балистичка ракета беше истрелана во областа Брјанск.

Сообраќајот преку мостот кон Крим беше во прекин. Во Москва, два дрона го гаѓаа квартот Домодедово, каде што се наоѓа аеродромот, напиша градоначалникот Сергеј Собјанин на каналот Телеграм. Едниот дрон беше соборен во областа Раменскоје, а другиот во областа Ступино. Нема извештаи за повредени или материјална штета.

Информацијата не можеше да се потврди независно. Русија често известува само за наводните успеси на сопствената воздушна одбрана против нападите на украинските беспилотни летала.

Ројтерс објави дека московските аеродроми Домодедово, Внуково и Жуковски во неделата наутро воведоа рестрикции на летови од безбедносни причини, повикувајќи се на руската државна авијација.

Агенцијата јавува дека во неделата во близина на Москва биле соборени вкупно пет украински беспилотни летала.

Во последните неколку недели, Украина сè повеќе ги гаѓаше руските фабрики и објекти со беспилотни летала за да го наруши снабдувањето на напаѓачките сили.

Слични содржини