Тошковски негодува на поништувањето од Владата: Четири наредби се однесуваа на советници од мојот кабинет

од Nikola Popovski

Вчерашната одлука на Владата со која беа поништени пет наредби донесени од моја страна е скандалозна и спротивна на законите, соопшти денеска техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Како што информира, една од петте поништени наредби се однесува на работник во Министерството за внатрешни работи кој се упатува да извршува работни задачи во управните служби во Ново Село каде што, според Тошковски, МВР се соочува со кадровски дефицит во делот на издавањето на лични документи.

Според министерот, ваквата одлука на Владата практично се доведува во прашање функционирањето на оваа организациска единица, односно издавањето на лични документи на граѓаните на оваа општина.

-Останатите четири наредби се однесуваат на советници од мојот кабинет со кои им се даваат конкретни насоки за постапување, а со нивното поништување исто така се влијае на работата на Министерството на највисоко ниво кое во претстојниот период треба да биде гарант за спроведување на мирен и демократски изборен процес, објави Тошковски.

Вчера Владата, по укажување на дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, дека со едностран потпис, само од страна на министерот за внатрешни работи, се донесени пет наредби за кадровски прераспоредувања и распоредувања во подрачни сектори на МВР и во Бирото за јавна безбедност, ваквите акти, како второстепен орган, ги прогласи за ништовни.

-Согласно Законот за Влада на Република Северна Македонија, заради организирање на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и потпишува сите акти и документ – во спротивно не произведува правно дејство, соопштија од „Илинденска бр.2“.

Слични содржини