Тужат ама Ахмети и Џафери повторно не дојдоа да се соочат со Богоевски

од Vladimir Zorba

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери  и денеска не се појавија на рочиштето против поранешниот разузнавач Слободан Богоевски кого го тужат за навреда и клевета за неговото сведоштво пред Окружниот суд во Њујорк за „Маѓар Телеком“.

На барање на адвокатите на Ахмети и Џафери во судницата се појави адвокатката Билјана Павлова, пред која Богоевски ја дал првичната изјава во присуство на нотар.Павлова се повика на законот и одби да сведочи пред Судот, објаснувајќи дека се што било кажано во нејзино присуство мора да го штити, како и правото на клиентот кој сведочел.

„За сите дејства што ги имам професионално преземено во својство на адвокат постои обврска да ги чувам како тајна“, рече адвокатката Панова, која на судот и на странките им приложи потврда за налог на заштита потпишан од неа, која ја доставила до Окружниот суд во Њујорк, што е како обврска дека ќе го чува како тајна она што го дознала од исказот на сведокот Богоевски.

Расправата е одложена за 5 јули, а како сведок Судот ќе го повика и нотарот Сашо Клисаровски, пред кого Богоевски го дал исказот за можни злоупотреби во случајот „Маѓар Телеком“.

Ахмети и Џафери во тужбата за клевета бараат од Богоевски вкупна отштета од 5,5 милиони денари – Ахмети бара 3 милиони, а Џафери 2,5 милиони денари.

Ексразузнавачот Богоевски кој ревносно се  појавува  на судското рочиште во Основниот суд Скопје 2, на кое му се суди за навреда и клевета по приватни тужби од Ахмети и Џафери кои заедно со експремиерот Владо Бучковски ги посочи како политичарите кои земале мито од „Маѓар телеком“.

„Ова е беспредметен судски случај и доказ дека продолжува политичкото силување на судството. Се принудува сведок да ја прекрши адвокатската заклетва дека е обврзан на тајност за тоа што го рекле клиентите и кој со налог на заштита е обврзан пред Њујоршкиот суд да не открива што кажал сведокот Богоевски за судската постапка што се водеше во Њујоршкиот суд. А за сведочењето на Богоевски, ако некој смета дека е лажно, пред судот во САД може да поднесе соодветна пријава“, рече адвокатот на Слободан Богоевски, Валентин Зафирoв, кој по денешното рочиште зборуваше место неговиот клиент.

Богоевски во сведочењето пред американскиот суд посочил дека 7,5 милиони евра биле внесени во Македонија со службен владин автомобил за поткуп на тројца политичари, експремиерот Владо Бучковски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и Муса Џафери.

Случајот „Маѓар телеком“ беше отворен во 2008 година по кривична пријава на Министерството за внатрешни работи поради злоупотреба на 1,8 милиони евра државни пари од страна на обвинетите. Ексдиректорите,  Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус се товарат за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Поранешните директори на „Маѓар Телком“, Елег Штрауб и Андрас Балог се спогодија да платат парични казни и добија петгодишна забрана за вршење дејност како директори или вработени во сите акционерски друштва.  Штрауб ќе плати казна од 250 илјади долари, а Балог од 150 илјади долари.


Слични содржини