Изјави на Владимир Путин кои ги тераат „противниците“ да се замислат

од Vladimir Zorba

 

 

Популистички, прагматичен, авторитативен, итар, тактичар – години откако влезе во врвот во руската политика, западните набљудуачи се уште се прашуваат кои се вистинските намери на Владимир Путин.

Еве некои од неговите највпечатливи изјави за најважни светски прашања од изминатите години.

За САД

САД е голема сила. Веројатно единствена која денес постои. Ние тоа го прифаќаме и подготвени сме да соработуваме со нив. Она што не сакаме е да ни се мешаат во внатрешните работи, да ни кажуваат како да го живееме својот живот и да ја спречуваат Европа да гради врски со нас. (јуни 2016)

За Каталонија

Во еден момент Европската унија го поздрави колапсот на цела низа држави во Европа, не трудејќи се да го скрие задоволството. Тоа го правеа заради краткорочни интереси и задоволување на Големиот брат во Вашингтон – безусловно поддржувајќи отцепување на Косово, предизвикувајќи слични процеси на континентот и пошироко. (октомври 2017)

За НАТО

Ја нема повеќе СССР, го нема Источниот блок. Моето мислење е дека на НАТО му е потребен надворешен непријател за да го оправда своето постоење, па затоа постојано е во потрага по него, по провокации и непостоечки противници. (јуни 2017)

За Блискиот Исток

Постоеше обид да се реформира регионот, за да се наметне надворешен модел без разлика дали преку промена на режимот или целосно користење сила. Наместо да се борат против екстремизмот, наместо да наметнуваат таква борба, некои од нив сакаат хаосот да стане постојана состојба на работите. (октомври 2017)

За Северна Кореја

Секако дека ги осудуваме нуклеарните тестови на Северна Кореја и се согласуваме со сите безбедносни резолуции на Обединетите Нации без исклучок. Но, за да се реши овој проблем потребен е дијалог а не користење на воени закани и меѓусебно разменување грди зборови и навреди. Без разлика дали ви се допаѓа режимот на Пјонгјанг или не морате да признаете дека Северна Кореја е суверена држава.

За уривањето на Виктор Јанукович во Украина

Она што се случи во Киев е вооружено и неконтролирано демнстрирање на моќ – државен удар. Прашањето е: зошто мораше така? Виктор Јанукович веќе се откажа од својата моќ и немаше шанси повторно да биде избран на избори. Зошто да се турка земјата во хаос? Да се демонстрира моќ? Тоа беше глупава одлука и имаше повратен ефект. Мислам дека тие акции ја дестабилизираа ситуацијата во источниот дел на земјата. (март 2014)

За Владата во Киев

Интересите на рускиот и украинскиот народ се исти. Она што не е исто се целите на украинската Влада и елита. Имаат само едно за извоз – русофобија. И политика на поделба меѓу двете земји. Некои на Западот веруваат дека овие две држави никогаш не би требало да бидат сојузници, па Украина стана успешна во извозот на таа идеја. (јуни 2017)

За рускиот политички систем

Монархијата беше наследство пренесено од империјата, па се до советски времиња, иако плочата на зградата се промени. Дури на почетокот од 20-те години дојде до случувања кои ги поставија темелите за нова фаза на рускиот развој. Секако не можете да очекувате дека веднаш ќе добиеме ист државен модел како што имаат САД, Германија, Франција…. Општеството како и секој друг жив организам, има свои фази и процеси во развивањето. (јуни 2017)

За улогата на Русија во светот

Русија е земја која има вековна историја и секогаш имаше важна улога во водењето на суверена надворешна политика. Таа традиција нема да ја предадеме ни денес. Во исто време свесни сме колку се промени светот и имаме реални очекувања од приликите и потенцијалите што ги поседуваме. Би сакале да соработуваме со одговорни и независни партнери со кои би можеле да градиме фер и демократски свет во кој ќе понудиме безбедност и просперитет – не само за поединци туку за сите. (февруари 2007)/МИА

Слични содржини