По неговиот спектакуларен успех Емануел Макрон на насловната страна на британскиот магазин „Економист” одеше на вода. Всушност, Макрон беше славен низ цела Европа речиси како месија: Тој ги спаси Франција и континентот од кошмарот на една претседателка Марин Ле Пен. Но, не само тоа: изгледаше како тој да предизвика нов ентузијазам за Европа и да ги обедини Французите.

Со паметниот 39-годишник дуваше свеж ветер низ земјата. Макрон имаше по нешто да понуди за секого: за социјално загрозените, подобро образование, за претприемачите помалку данок, за оние кои не се чувстваат безбедно силна држава, а за конзервативците тој за време ан неговата инаугурација се возеше во отворено воено возило низ Париз – наместо во цивилна лимузина како неговата социјалистички претходник Франсоа Оланд.

Не е ни чудо дека ентузијазмот не траеше долго. Но, дека неговата популарност кај граѓаните толку брзо драстично ќе опадне, сепак беше изненадување за многумина. Вознемирени, меѓу другите, се вработените во јавниот сектор на кои Макрон сака да им ги ограничи зголемувањата на платите. И началникот на генералштабот на француската армија Пјер де Вилиер поднесе оставка во отворениот спор околу мерките за штедење во вооружените сили.

По одморите, доаѓа вистинскиот тест

Притоа Макрон досега воопшто не ја закла најсветата крава. Тој  имено сѐ уште не ја спроведе најавената реформа на пазарот на труд. И без тоа тој не се осмелува да чепне во 35-часовната работна недела, која Франција ја чини голема конкурентна сила, или е тоа барем засега. Сѐ уште не е на повидок ниту реформата на пензискиот систем.  Клучниот прв тест на моќта на Макрон се очекува по летните одмори. Синдикатите веќе повикаа на штрајкови.

 Подемот на Mакрон во многу зависеше и од изборните алтернативи во пролетта, особено од Марин Ле Пен. Многумина гласаа за него не затоа што безусловно го сакаа Макрон, туку за да спречат Ле Пен да дојде на чело на државата. А речиси половина од францускиот народ-така барем покажаа резултатите од првиот круг – гласаше за кандидати, кои сакаа да ги исклучат Франција од глобализацијата. Така што оние кои потоа во вториот круг од тактички причини гласаа за Макрон речиси и да не го сменија својот основен став.

Меѓу тие тактички гласачи за Макрон се и луѓе кои ќе беа гласале за конзервативецот Франсоа Фијон , ако тој не беше вовлечен во скандал за наводно вработување на членови на семејството. И ако социјалистите не пропаднеа толку многу,  и тие ќе апсорбираа голем дел од потенцијалните гласачи на Макрон. Со сите овие тактичари и скептиците сега мора да се справи самиот Макрон. А невозможно е да се задоволат сите од нив.

Без преодна фаза до државник

Но, проблемите не се несовладливи за него. Макрон прво им пристапува на непопуларните реформи. Ако работите економски се одвиваат и ако повлече конјкунктурата, тој веќе за време на мандатот ќе може да жнее плодови. И на меѓународно ниво Макрон повлекува добри потези. Речиси без преодна фаза се чини тој од неискусен политичар со брз подем напредува кон искусен државник. И тој профитира од новото расположение во Европа за одалечување од популизмот и враќање кон сериозна политика.

Сето тоа, секако, секако не се гаранции за успех. Но, во Франција се чини се шири мислењето дека токму темелната опозиција против каква било реформа ја доведе земјата во криза. Макрон не е избавител дури и ако сега иронично е нарекуван „Јупитер”. Но, младиот претседател има – сосема приземно – добри шанси  како реформатор да ја унапреди  Франција.

 

DW.COM