Во седиштето на ДУИ во Мала Речица, доцна попладнево започна средба меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети и потпретседателите на партијата. На средбата на која учествува и дел од тесното претседателство, според портпаролот Бујар Османи, се разговара за тековни прашања за добивање на мандатот за составот на нова влада, одлуката која треба да ја донесе централното претседателство на партијата.
Ова највисоко партиско тело како што рече Османи, ќе биде свикано кога работните групи на партијата ќе имаат усогласени материјали, по однос на прашањата и предлозите кои ДУИ ги постави како услови без кои не може да се преговара.
Тој рече дека за точките од Албанската платформа, кои предвидуваат промена на Уставот, потребно е започнување на, како што го потенцираше, македонско-албански дијалог.
-Платформата која беше донесена, беше постигнување на внатреалбански консензус, за да се започне македонско-албански дијалог. Промената на Уставот бара да се вклучат сите парламентарни партии, затоа што за да се промени Уставот потребно е двотретинско мнозинство – вели Османи.
Тој додаде дека вечерва нема да се донесе никаква одлука и не прецизираше кога партијата ќе го свика централното претседателство./извор: Мета