Филипче: Четворица од петте новозаразени се здравствени работници, пулмолози одат на помош во Дебар

од Aleksandar Todeski

Имаме пет нови случаи, од кои четири се здравствени работници од Дебар, со што вкупната бројка во земјата изнесува 31 заразен, рече на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

Фото: Борче Поповски

„Позитивен е тестот и на сопругата на веќедијагностицираниот пациент кој го потврдивме, а кој се тестирал во Жан Митрев и таа ќе биде пренесена на Инфективната клиника. Дел од здравствените работници од Дебар се само носители, односно беа позитивни и веројатно ќе ја добијат болеста, а беа дел од пошироката проверка. Од утре на Клиниката во Дебар ќе бидат присутни и двајца доктори од клиниката за пулмологија за да го дополнат капацитетот и да помогнат на епидемиологот и тројца инфектолози во Дебар“, рече Филипче.

Тој упати порака до здравствените работници дека трудот и напорот кои го вложуваат се непроценливи, а на граѓаните им порача да останат дома.

„Целосно сме свесни дека здравствените работници се најекспонираните, но мораме да правиме се за да нив ги заштитиме затоа што мора да обезбедиме одржлив здравствен систем за сите. Нема да има оправдување за ниту еден кој нема да се придржува до мерките на владата. Здравствените работници ни требаат сега, ни требаа порано, а ќе ни требаат и во иднина. Тие се жртвуваат, се едуцирале, за да помагаат на нашите сограѓани“, истакна министерот Филипче.

Слични содржини