ЛШ: Можат ли Баварците да ги шокираат Кралевите?

од desk2

Фудбалерите на Реал Мадрид против Баерн од Минхен на свој терен се во борба за своето трето последователно финале во Лигата на шампионите и напад на нова, 13 титула шампион на Европа.

Актуелниот шампион на Европа после пресврт славеше на Алијанц арената со 2:1 и тоа не со многу блескава партија, па ќе мора да биде многу повнимателен во однос на претходната рунда, кога на Сантијаго Бернабеу за малку ќе ја испуштеше големата предност од 3:0 против Јувентус од првиот натпревар.

За тоа е свесен и тренерот на кралскиот клуб, Зинедин Зидан.

„Го потрошивме кредитот со победата во Минхен. Не смееме да ги повторуваме истите грешки, мислам дека ќе бидеме многу порешителни. Како никогаш досега“, изјави Зидан, најавувајќи одлична вечер во Мадрид, иако за овој натпревар нема да може да смета на Карвахал и Иско.

Едно е сигурно, на Реал „му одговара“ Баерн бидејќи го совладаа дури шест пати во низа и со голема самодоверба го очекуваат 26 меѓусебен дуел, по што ова ривалство е најголемо на Стариот континент.

Најдобриот фудбалер и стрелец, Кристијано Роналдо, во Минхен за прв пат оваа сезона остана без погодок во меч од ЛШ, па сега ќе има дополнителен мотив да го надмине сопствениот рекорд од 17 погодоци во елитното натпреварување.

Од друга страна, Баерн не е во идеален момент, нивните напаѓачи многу промашуваа во првиот натпревар, но играчите не ги напушта оптимизмот.

„Требаше да победиме со 7:2. Сепак, ништо не е загубено, одиме на победа во Мадрид“, порача Кимих.

Интересен е фактот дека тренерот на Баерн Јуп Хејнкес, никогаш не е елиминиран во полуфиналето од основањето на новиот формат на Лигата на шампионите, а претходно тоа и успеало само на Црвена Ѕвезда во историските дуели од 1991 година, кога црвено-белите се искачија на тронот на Европа, во натпреварувањето под назив Купот на европските шампиони.

Дали може Баерн да „воскресне“ и да ја задржи традицијата на Хејнкес во ЛШ, која тој ја освојуваше и со Реал и со Баерн?

Не е невозможно, но ќе биде тешко, посебно поради тоа што во тимот нема да бидат Боатенг, Видал, Коман, Ноер, а неизвесен е и настапот на Робен.

Кој прв ќе избори место во големото финале во Киев ќе биде познато вечерва, после реваншот во Мадрид со почеток од 20:45 часот.

Слични содржини