Почна и веднаш прекина седницата за францускиот предлог

од Nikola Popovski

Седницата на македонскиот Парламент на која пратениците треба да расправаат за владината информација за францускиот предлог за укинување на бугарското вето и продолжување на преговарачкиот процес за добивање кандидатски статус за членство во ЕУ е прекината веднаш по нејзиното започнување.

Ова се случи откако пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска го искина листот хартија на кои беа заклучоците од францускиот предлог, по што бара еден час пауза.

„Поради тоа ќе побарам една пауза која што можеби ќе ве предомисли и ќе долучите, овој ништовен, понижувачки, подмолен документ да го вратите таму каде што му е местото, а тоа е во Владата, затоа што се работи за меѓувладина конференција, а не владата овде да ви го подметнува и вие како современи македонски администратори да давате изим на ваков криминал и на вакво предавство“, изјави Стојановска.

Додека претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен држеше говор пред македонските пратеници во Собранието, илјадници протестираа против францускиот предлог пред зградата.

Група демонстранти фрлаа тоалетна хартија и јајца кон зградата на Парламентот.

Францускиот предлог, кој беше поддржан од целата ЕУ, претходно го поддржаа коалициската влада на СДСМ и ДУИ, претседателот Стево Пендаровски и опозициските албански парламентарни партии.

Од друга страна, водечката опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, како и Левица се против, а веќе со денови секојдневно се протестира против францускиот предлог под мотото „Ултиматум, не благодарам“.

Слични содржини