Постојат снимки од убиството на саудискиот новинар

од desk2

Турските инспектори тврдат дека постојат звучни и видео снимки кои докажуваат дека саудискиот новинар Џамал Кашоги е убиен, пишува “The Guardian” и наведува дека тоа е индикација дека Анкара е подготвена да продолжи да го притиска Ријад со докази да ги поткрепи своите тврдења дека немале ништо со исчезнувањето на Кашоги.

Службеници на американската влада за “Washington Post” и “Guardian” рекле дека припадници на турската влада им кажале дека наводните снимки потврдуваат дека Кашоги е убиен и распарчен при посетата на саудискиот конзулат во Истанбул. Доказите според зборовите на Турците, се исклучително силни.

“Може да се слушне неговиот глас, но и гласови на луѓе кои зборуваат на арапски”, рекол извор за “The Washington Post”. “Можете да слушнете како го испрашуваат, мачат и убиваат”.

Додека американците тврдат дека содржината од снимките им е прераскажана, не е јасно дали лично ги виделе или слушнале снимките.

Турците во овој случај чекорат многу внимателно, со оглед дека не им е во интерес да откријат зошто следат и набљудуваат странски државјани кои престојуваат во Турција. Исто така, мора да одржуваат добри политички и економски односи со Ријад.

Саудиска Арабија демантира дека има било каква врска со исчезнувањето и убиството на новинарот Кашоги и тврдат дека по влегувањето во конзулатот веднаш излегол.

Потсетуваме, во четвртокот било објавено дека американски инспектори ќе го истражат исчезнувањето на 59-годишниот новинар и колумнист на “The Washington Post”.

Слични содржини