Режисерот на „Joker“: Жоакин Феникс понекогаш едноставно си заминуваше среде снимање

од desk2

Жоакин Феникс добива неверојатни критики за изведбата во новиот филм „Joker“ и веќе му предвидуваат огромен успех на Оскарите.

Одличниот прием на филмот се должи на огромната посветеност на екипата, но не било сѐ така лесно и глатко за време на снимањето.

Текст објавен во New York Times открива дека 44-годишниот актер „губел трпение на сет, а неговите колеги останувале зачудени поради неговото однесување“.

„Среде снимање сцена, едноставно ќе се завртеше и ќе си заминеше“, открива косценаристот и режисер на филмот Тод Филипс.

„А актерите со кои ја снима сцената мислат дека е нешто до нив, кутрите, а никогаш не беше до нив – секогаш беше до него, а нему едноставно не му ‘легнала’ сцената…“

Феникс, сепак, никогаш не си заминал од заедничка сцена со ценетиот колега Роберт де Ниро, кој во филмот ја игра улогата на водител на вечерно ток-шоу.

„Жоакин беше многу интензивен во тоа што го правеше, како што треба да биде, каков што тој треба да биде“, изјави Де Ниро и рече дека Феникс е врвен професионалец.

Феникс, кој има три номинации за Оскар, изјави дека ослабел речиси 24 килограми за улогата во мрачната драма во која се обработува ликот на славниот негативец на DC Comics од еден сосема нов, современ агол.

Филмот „Joker“ неделава ја освои главната награда на Венецискиот филмски фестивал и се очекува дека ќе има плодна сезона на награди.

Филмот ќе има премиера на 4 октомври.

Слични содржини