Речиси половина од имињата кои се најдоа во предложениот список на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, за нејзини идни соработници, веќе биле дел од други списоци, односно на партиите во рамки на преговорите меѓу работните групи.Албанските имиња, наводно, се нашле претходно на преговарачката маса и биле предложени од СДСМ, додека на на списокот на ВМРО-ДПМНЕ биле Елизабета Јосифовска јавната обвинителка од Гостивар, Трајче Пеливанов и Дарко Јакимовски од Основното јавно обвинителство во Скопје, пишува А1Он.

????????????????????????????????????

Според дел од јавноста, дури седум имиња од списокот на Јанева се блиски до ВМРО-ДПМНЕ, тројца се блиски до СДСМ, а четворица до ДУИ. Иако се ова само шпекулации, јавноста и експертите не се задоволни од направениот избор. Преовладува мислењето дека Јанева не го стокмила сама списокот, туку дека кандидатите и биле сугерирани. Општиот став е дека избраните јавни обвинители се премногу млади и недоволно искусни, па постои сомнеж дали ќе одговорат на предизвикот.

-Станува збор за многу млади луѓе, а потребни се профили со професионално и животно искуство за да можат да одработат, да согледаат и да подготват обвинителен акт. Многу треба работа за да се стекне таков капацитет. Младоста овде не е предност – вели поранешната прва антикоруционерка, Слаѓана Тасева.

Според новинарот, Саше Димовски, кој повеќе години пишува за судството во Македонија, екипата што ја предлага Јанева е, во ироничен тон, „тим од соништата.“

-Одличен избор, подобар не можеше да се очекува бидејќи обвинителка од ваков ранг избра да ги расчистува бомбите со подмладокот на јавното обвинителство. Сите до еден избрани или унапредени во период кој е опфатен токму со прислушуваните разговори. Овие обвинители имаат стаж од околу пет години и речиси сите се деца на поранешни или сегашни судии или јавни обвинители. Факт е дека Јанева не можела да ги знае овие луѓе ниту професионално да соработува со нив, па ваквата листа јас сум убеден дека не ја скроила сама туку и ја скроиле – вели новинарот според кој дел од предложените имиња се нашле и на партиските списоци на состаноците кога се дискутираше околу специјалниот јавен обвинител.

Според Тасева, не помалку важен е нивниот бекраунд, ако се има предвид дека повеќето од нив до сега се бавеле со помали предмети како кражби и прекршоци.

-Луѓето што ќе се зафатат со тоа, треба да знаат како се водат тие постапки. Тоа се комплицирани работи, како што слушнавме, од економски, финансиски, јавни набавки, меѓународни зделки и градежен сектор. Ние сакаме тим од специјалци кои ќе ја завршат оваа работа во краток рок, а гледаме една постапка која се одвива многу бавно – додава Тасева.

Најмногу реакции во јавноста предизвика изборот на Лиле Стефанова, јавен обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Стефанова беше назначена во најекспонираните политички случаи како „Машинопромет“, „Ликвидација“, „Шпион“, „Фаланга 2“, била инволвирана во случајот „Пајажина“, а се појавила и на првото рочиште во случајот познат за јавноста како „Пуч“. Според Тасева ваквиот избор може да ја компромитира целата институција.

-Секако морало да се внимава од почеток да се обезби интегритет на обвинителите за да не постои сомнеж кон било кого во нивната принципиелност. Но гледаме дека не е така – посочува таа.

Димовски, пак, потсетува дека преку нејзината вклученост во „Ликвидација“, Стефанова стана мета на критики не само кај домашната, туку и кај меѓународната јавност.

-Ние протестиравме против одлуките на Лиле Стефанова во случајот „Ликвидација“. Стефанова е четири години во обвинителството за организиран криминал, откако претходно дојде од Радовиш каде немала допирни точки со ваков вид предмети и затоа направи процесни грешки за кои интервенираа сите странски амбасади и меѓународни организации. И сега обвинителката, која беше наведена во сите извештаи како негативен пример, некој ни ја сервира како најдобар кадар кој треба да ги открие кривичните дела од бомбите – вели Димовскиза А1 Он.

Слични содржини