Вучиќ: Заради Косово не можам да спијам

од Vladimir Zorba

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави денеска дека единствената причина поради која не може да спие е Косово и Метохија.

Вучиќ, како гостин на утринската програма на „ТВ Пинк“, рече дека очекува притисок околу Косово, како и дека имало несогласувања во западниот сојуз околу тоа кој ќе ја води играта.

„Единствената причина поради која не можам да спијам е Косово и Метохија, а она што можам да им го кажам на луѓето е дека ќе се борам уште посилно отколку во претходниот период“, истакна Вучиќ.

Тој рече дека освен Милован Дрецун, никој во Србија не ја прочитал Резолуцијата 1244, како и дека имало караници околу тоа, но делови каде се зборува за суверенитет биле извадени.

„Во преамбулата се обврзавме дека Косово и Метохија ќе бидат предмет на Хашкиот трибунал. Никој тоа не им го кажа на народот“, истакна Вучиќ, додавајќи дека треба да се има предвид дека членот 2 зборува за насилство во СР Југославија, а не за злосторства на ОВК. што значи дека ние сме виновни за конфликтот во Косово и Метохија.

Вучиќ рече дека членовите 10 и 11 воспоставуваат меѓународно присуство и привремени приштински власти.

„Ние мора да се грижиме за секој потег“, истакна претседателот на Србија, додавајќи дека сè уште имаме тешка ситуација на Косово – 93 проценти од Албанците живеат таму.

„И во тие услови ние се бориме. Албанците и сите на Западот знаат сè. Никој не е глупав или луд“, рече Вучиќ, додавајќи дека слушајќи ја синоќешната дебата на опозицијата во Србија, тој заклучи дека Косово е само „камен околу нивните вратови“.

На денешен ден, пред 21 година, Советот за безбедност на ОН ја усвои Резолуцијата 1244, со која Косово и Метохија се ставени под мандатот на ОН.

Резолуцијата 1244 го одобри меѓународното, воено и цивилно присуство во поранешна СР Југославија и формирање на Привремена административна мисија на ОН во Косово и Метохија (УНМИК).

На 10 јуни 1999 година, Советот за безбедност на ООН ги отповика претходните и ја усвои Резолуцијата 1244, со цел политичко решение за кризата во Косово по бомбардирањето, зачувување на меѓународниот мир, безбедност и обезбедување на слободно враќање на бегалците и раселените лица.

Оваа резолуција беше усвоена еден ден по потпишувањето на Воено-техничкиот договор во Куманово, познат како Кумановски договор, со кој се стави крај на бомбардирањето на НАТО на тогашната СР Југославија.

И покрај таа резолуција, која сè уште е во сила денес, властите во Приштина во 2008 година еднострано ја прогласија независноста на Косово, што Србија не ја признава.

Слични содржини