Обвинителството го чека извештајот за местењето судии

од desk4

Обвинителството го чека извештајот на министерството за правда за злоупотреби во АКМИС системот пред да почне постапка за утврдување кривична одговорност, информира ТВ24.

Оттаму, денес не потврдуваат дали до нив се пристигнати деталите за делење предмети на рака и се исклучувале на судии од електронскиот систем.

„Во конкретниот случај обвинителството го очекува извештајот од Министерството за правда за да може да постапува по службена должност. До овој момент не можеме да потврдиме дали документацијата е пристигната до обвинителството, поради што за деталите ќе известиме од понеделник“ – велат од обвинителството.

Пораката на дел од експертите, по извештајот на министерството за правда е дека сите институции меѓу кои и Врховниот суд, како и Судскиот совет треба да се мобилизираат и да ги истражат детално сите наводи за злоупотреби во АКМИС-от. Сепак, поранешната судијка Маргарита Цаца Николовска, вели останува отворено прашањето што понатаму со предметите кои имаат пресуди, а сега се под сомнение дека биле наместени.

„Што понатаму со тие предмети коишто биле местени и по коишто одлучувале овие органи каде што овој систем не функционира. Нека повелат органите на прогон, нека видат каде е тоа, каде е затаено, кој затаил и нека поднесуваат соодветни активности во таа насока. Одговорноста треба да се лоцира и кај тие што проверувале и кои што наоѓале таква ситуација, а не реагирале“ – вели Маргарита Цаци Николовска – поранешна судијка во ЕСЧП.

Работната група на министерството за правда го чешлаше работењето на кривичниот, апелацискиот и врховниот суд. Министерот за правда не наведе имиња, но според годините, најголемите злоупотреби во Кривичен се случувале во времето на екс претседателите Панчевски, Михајлова и Рибарев.

Инаку извештајот ќе го добие и специјалното обвинителство, кое случајно, во ист ден со работната група влезе во Кривичен во рамки на предистражна постапка. Катица Јанева истражуваше дали Панчевски ја злоупотребил службената положба додека бил претседател. Тој се правдаше дека СЈО води хајка против него.

Слични содржини