НАСА сними како огромна црна дупка проголта ѕвезда со големина на нашето Сонце

од desk2

Прв пат со помош телескоп на НАСА за лов на планети било забележано како огромна црна дупка уништува ѕвезда.

Сателитот на американската вселенска агенција TESS открил исчезнување на ѕвезда оддалечена 375 милиони светлосни години, која била повлечена од моќната гравитација на супермасивна црна дупка.

Ѕвездата со големината на нашето Сонце на крајот била проголтана во редок вселенски настан.

Астрономите користеле меѓународна мрежа од телескопи за да го откријат феноменот пред да го искористат TESS, кој е конструиран да лови далечни планети, а го забележал почетокот на драматичниот настан, покажувајќи ја својата ефикасност во набљудувањето на вселената.

“Тоа се случи во комбинација на способности и среќа и понекогаш токму тоа ви треба за да ја протуркате науката напред”, рекол астрономот Томас Холоиен од Институтот за наука Карнеги.

Таков феномен се случува кога ѕвездата премногу ќе се доближи до супермасивната црна дупка, објект кој постои во центарот на многу големи галаксии, вклучувајќи го и нашиот Млечен пат.

Многу силните гравитациски сили ја растргнуваат ѕвездата и дел од материјалот се исфрла во вселената, а остатокот влегува во црната дупка, формирајќи притоа диск од врел, сјаен гас.

“Можеме да ја мериме брзината со која станува посјајна, а да ги забележиме и падот на температурата и сјајот кои се единствени”, вели Холоиен.

Забележувањата на осцилациите на светлината додека црната дупка голта ѕвезда и исфрла ѕвезден материјал во спирала, би можеле да им помогнат на астрономите да го разберат однесувањето на црната дупка, научна мистерија уште од времето на Алберт Ајнштајн, кој го истражувал влијанието на гравитацијата на светлината во движење.

Слични содржини