Тесно е канабето, ама е долг “шинелот” на Слободан Милошевиќ!?

од desk2

( Или: “Чиста сметка – дуга мржња!”)

vele-mitanoski

Колку е долг “шинелот” на Слободан Милошевиќ, дури и по неговата смрт и многу  поминати години, уште еднаш, на најдобар начин, не убеди неговиот најверен ученик и наследник, сегашниот српски министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ.

Пред два дена, овој кумановски војник на ЈНА (луцидната Весна Пешиќ, одамна го дефинира како мали Слобо!), среде Скопје, одбегна да одговори на прашањето од македонските новинари: Дали знае во која земја доаѓа?

Исто, или сосема слично прашање, пред “само” 26 години,  тогаш во Охрид, му беше поставено на неговиот политички ментор Милошевиќ.

Непосредно пред конечниот распад на титова Југославија, во 1991 година, во Охрид, во вилата Биљана, се одржа последниот чин од “патувачкиот циркус” на претседателите од шесте поранешни југословенски републики.

Потоа, во “свадбарскиот” ресторан на хотелот “Парк” (истиото ној, кој транзициските криминални скакулци го  зграпчија (и изедоа!)  заедно со дел од езерото, за на  негово место да изградат  станови за продажба!!!), петтемина претседатели и домаќинот Глигоров,  ја одржаа последната, заедничка, прес конференција.

Се сеќавам, Фрањо Тугман предвреме ја напушти, затоа што, токму тој, ден започнаа пукањата и убиствата во Хрватска.

Јас се уште известував за Танјуг (по тој настан се префрлив во Македонското прес биро-зародишот на МИА), а колегата, другар ми Зоран Иванов, тогаш известуваше за Радио Скопје. Иванов,  го праша осилениот Милошевиќ: Дали знае и дали може да каже – во која земја се наога!?

Одговор, Зоран не доби од Милошевиќ, исто како што, и пред два дена, не добија одговор известувачите во Скопје, од Дачиќ! Затоа пак, им испрати дообјаснување, ама преку српските медиуми: “Како тие за нас, така ние за нив (по најважните прашања!).Без расправии, само чиста сметка!”.

Ете, колку е долг “шинелот”, а колку е тесно канабето (на кое се притеснуваа Зинго и Латас!) на Милошевиќ! Колку напреднале, а ако не напреднале, зошто стагнирале српско – македонските односи, во изминативе скоро три децении!

“Чиста сметка – дуга мржња”!!!

Веле Митановски

Слични содржини