Манчевски: Владата не смее да биде моторот на реформите во медиумската сфера

од desk2

Владата не смее да биде моторот на реформите во медиумската сфера и за предлог-законот за аудио и аудиовизуелни услуги, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во воведниот говор на 13. Kонференција „Е-општество“, организирана од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

– Иронично е да се каже Владата да биде мотор на реформи во медиуми. Тоа треба да бидат медиумските работници и самите медиуми. Нам, како Влада, единствена амбиција ни е да им обезбедиме простор, дебата и механизам. Ние сме алатка за спроведување на тоа што тие сметаат дека треба да се донесе – изјави Манчевски.

Министерот рече дека Владата е тука за да чуе какви измени се потребни, но оти дебата треба да биде полезна и да не трае до недоглед бидејќи треба да се носат одлуки и решенија.

– Во поглед на интернет-порталите што пласираат информативни содржини, мој личен предлог е да се декларира минимум еден уредник и законски да се уреди тоа порталот да не смее да биде во сопственост на офшор-компанија. Мислам дека можеме тоа да прифатиме и тоа се однесува на портали што се регистрираат во Македонија – рече Манчевски.

Тој истакна дека постои голем етички проблем во однос на тоа до каде треба да се оди во регулацијата, а кога веќе се навлегува во приватноста.

– Ова се прашања на кои Владата не треба сама да нуди одговор, туку треба да отвориме дебата. Ако станавме познати како извор на „лажни вести“, можеме да станеме и место каде што почнало да се дебатира за некаква координирана иницијатива или акција – изјави Манчевски

Слични содржини