Што е тоа службена кредитна/платежна картичка

од Vladimir Zorba

Ги следам сите овие објави и “ефекти“ на тоа објавување, а во врска со користењето-злоупотребите на службените платежни картички. Купишта безобразлацио се случувале, ама ниту објавите, ниту пак “реакциите“ се гаранција за тоа дека и во иднина нема да се соочуваме со некој ситен, или пак крупен безобразлак.


Имено овај, безмалку мистериозен “институт“ наречен “Службена картица“, демек алатка со чија помош, наводно, “вршењето на функцијата“ на Министер, Заменик, Држ.Секретар и други на кои им се паднало дека нивното вршење на функција МОРА да биде олеснето, а ова би требало да го разбереме како ПОЕФИКАСНО, ПОКВАЛИТЕТНО и за општа добробит на сите нас (!!!) е ескалиран до такви размери што веќе никој, или никаква “Јавност“ не ќе може да ја превтаса и соодветно да иницира санкционирање на сите оние кои ќе се дрзнат преку “картицата“ да ја пикнат раката во народниот џеб.
Тука, да се разбереме, воопшто не е спорно дека “Службени картички“ мора да постојат. Да, мора, ама МОРА да има ПРАВИЛА (Закони, подзаконски акти/правилници, уредби и сл.) за нивното користење.
А не да нема! И сега има доволно законска и подзаконска регулатива со која мистеријата може да се расчисти за во иднина не се случуваат безобразлаци од страна на “овластени“ кои, бидејќи се безобразни, нивниот безобразлак нема да го ограничат само на ваквото “нужно“ трошење на пари, туку ќе бидат безобразни во секој сегмент од нивното “обавување на функцијата“.
Затоа, ги повикувам сите “истражувачи“ да повелат во држвните органи, односно секаде каде е инсталиран овој пресладок “инструмент/институт“ и да ги проверат процедурите, доколку постојат, на издавање, користење, раздолжување. Да проверат КОЈ е задолжен, надлежен да ги одобрува трошоците, КОЈ располага со “касата“ преку која се исплаќаат парите до банките/агенциите итн.итн.
Не смее да има мистерии, ниту пак недопирливи, а трошењето на секој денар, буквално секој, мора да биде поткрепено со соодветни аргументи за да не се соочуваме со апсурди од типот дека “…во еден момент при обавувањето на функцијата Министер, Заменик, Држ.Секретар, Советник, чиновник и сл. се појави потреба од набавка на стотина кебачиња, три литра виски, костум “Brioni“, парфем Dior, кеш од двесте евра итн…..“. Овие апсурди нема да бидат тоа САМО доколку на крајот од периодот за раздолжување предвиден со закон има точен и конкретен извештај за кебапите, костумот, апаратот, вискито, ручекот, вечерата, теревенката и се што “обавувањето на функцијата“ го (по)барало во одреден момент.
А за досегашните трошаџии веќе е речено: Че си лежат!

Ѓунер Исмаил

Слични содржини